Tuesday, November 19, 2013

БАРАЈЌИ МОЌ, ПАРИ И УСПЕХ СЕ ИЗГУБИВМЕ СЕБЕ СИ

Покрај сценариото за хит-филмот „Американска убавина“ и за сериите „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“, Алан Бол има напишано и драмски текстови кои не се наменети директно да влезат во телевизиската машина. Ние (независен театар „Пи“) земавме четири такви едночинки од овој современ американски писател и ги споивме во претставата „69“. Режисер на нашето ново дело е Веселин Димов од Бугарија, а главните улоги ги толкуваат професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска. Премиерата се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје. Ѕирнете за што се работи во четири едночинките што ќе ги погледнете во „69“.

Важен ручек (Power lunch)

Амбициозен маж и жена се „борат“ за моќ и за контрола врз нивната врска иако само што се запознаваат. Драмата зазема сатиричен поглед на половите и родовите како и на односите во општество во кое повеќе се цени имиџот отколку личниот интегритет.

ЖЕНАТА: А, каков, ако може да прашам, е Вашиот тип?
МАЖОТ: Паѓам на заводливи жени со големи цицки и мачкасти очи кои го носат нивниот сексапил како евтин парфем. А Вие?
ЖЕНАТА: Јас сакам паметни, интересни, самоуверени, чувствителни, топли, нежни, силни, независни, посветени, љубезни, стабилни мажи кои се спремни да ризикуваат.
МАЖОТ: Е, многу реалистично.
ЖЕНАТА: Барем сум селективна.

Газот на мајка ти (Your mothers butt)

Провокативно насловената „Газот на мајка ти“ ги прикажува еден психијатар наспроти нејзиниот неверојатен пациент кој е опседнат со материјалното и површното. Но еден сон за неговата мајка би можело да биде клуч кон лекот ...

ПСИХОЛОГОТ: Значи, ништо во твојот живот не ти е важно?
ПАЦИЕНТОТ: Не. (Пауза. Плаче) Имам ... Имам еден џемпер.
ПСИХОЛОГОТ: Џемпер?
КЛИЕНТОТ: Многу убав. Стар џемпер е, мислам беше на брат ми. Обичен волнен џемпер, во ве-израз. Сега веќе е изветвен и мек, но удобен ми е. Ми ги истакнува рамената, но на суптилен начин, а кога го носам се чувствувам многу секси.
Зборот на Б (The M word)

Двајца амбициозни директори одлучуваат дека се совршени еден кон друг и продолжуваат да се договараат за заедничката иднина. Каде се тука емоциите?

МАЖОТ:Едно прашање:Дали си заинтересирана да произведеме поколение?
ЖЕНАТА: Биолошкиот часовник ми отчукува како луд.
МАЖОТ: Си размислувала ли воопшто за тоа какви квалитети бараш во потенцијалниот прокреативен партнер за правење деца?
ЖЕНАТА: Комбинацијата од хетеросексуалец  со добра и стабилна работа, кој не е сериски убиец би ми одговарала. Секако, ова се првични согледби. Би морала да направам подетални анализи пред да се нафатам на таков значаен,предизвикувачки проект. 

Направено за жена (Made for a woman)

Совршен маж и нејзиното совршено момче во „Направено за жена“ се одлични примери за современиот човек кој е опседнат со сопствениот имиџ и сликата што ја оддава. Всушност такво е и општеството во кое живееме ... Оваа едночинка почнува наивно, но завршува фатално.

ТРЕНТ: Па тогаш биди силна. Стани господар на ситуацијата. Соочи се со предизвикот. Биди личност која дејствува, не некој врз кого дејствуваат. Во ред?
КАРЛИ: Во ред.
ТРЕНТ: Подобра си?
КАРЛИ: Подобра сум.
ТРЕНТ: Добро. Зашто, не заборавај, сакам да имаме секс кога ќе завршам со вежбањето. 

Sunday, November 17, 2013

КАКО ДА СЕ ОПУШТАМ, КОГА МОЖЕ ДА МЕ СТЕГНЕШ?

Ме зграпчи нивната динамика, актуелност, разиграност и хумор. Одамна немав сретнато толку лаконски и интелегентни комедии кои така современо и прецизно го прикажуваат говорот на младите луѓе и односите меѓу мажите и жените во денешно време“, вели нашиот режисер Веселин Димов за првиот пат кога ги прочитал едночинките напишани од Оскаровецот Алан Бол. Книгата со текстови ја купил ова лето на аеродромот во Њујорк и ги „голтнал“ во еден здив. Остатокот е историја – одлучи да направи претстава врз основа на нив, преку „скајп“ зборуваше со нашите актери ЗлаткоМитрески и Македонка Илиевска и тројцата се нафатија на проектот. Финалниот резултат е „69“ чија премиера ќе се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје. Само за појаснување, претставата е работена според едночинките „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“ од Бол.


 „Во светот на индивидуализам и потрошувачка, како се сака? Како се заборава сопственото „јас", кога тоа е сè што си научил ? Како се излегува од зоната на удобност, осаменост и анонимност ? Како да се опуштам , кога може да ме стегнеш ? Не почнаа ли да ни горчат љубовните сокови? "69" . И има ли воопшто се уште природни сокови ?“, вели Веселин Димов. 

Saturday, November 16, 2013

АКТЕРСКИ ТАНДЕМ ПОДГОТВЕН ЗА ПРЕДИЗВИЦИ

Независниот театар „Пи“ немаше да постои доколку не беа овие двајца луѓе – професионалните актери Златко Митрески и Македонска Илиевска. Во претходниот блог-пост го претставивме режисерот на нашиот нов проект, претставата „69“, Веселин Димов од Бугарија. Сега дојде време да се запознаете со Златко и Македонка кои ги толкуваат главните улоги во ова дело чија премиера ќе се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје. Тие се актерската двојка која во  „69“ не води низ четирите едночинки напишани од Оскаровецот, Алан Бол. Златко и Македонка ќе ги видите како мажот и жената, психијатарот и клиентот, Трент и Карли ... А, во меѓувреме дознајте нешто повеќе за нив.

Златко Митрески: И во филм и во театар
„69“ е во фаза на подготовка, но Златко во моментов можете да го погледнете и во претставата „Кавкаски круг со креда“ во режија на Златко Славенски која се игра во Драмскиот театар во Скопје. Инаку има дипломирано на Националната академија за театар и филм во Софија, Бугарија. Македонската кино публика најверојатно најмногу го препознава како Ќелавиот од „Ова не е американски филм“. Еден од поинтересните проекти на Златко е и монодрамата „Последната лента на Крап“ која се играше во Скопје и помина одлично кај гледачите, а претставата беше дел и од фестивал во Словенија.
Македонкa Илиевска: Желба за иновација 
Да се игра во монодрама е најголем предизвик за еден актер, но во исто време и огромна одговорност. Македонка се нафати на таков предизвик во „Лола“  која беше на програмата на два фестивали – „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“. Се работи за монодрама во режија на Софија Ристевска која беше направена под капата на независниот „Интимен театар“, а се играше во клубот „Џубокс“ во Скопје. Инаку Македонка има дипломирано на отсекот за актерка игра во Новиот бугарски универзитет во Софија. Сега пополека, но сигурно застанува на домашната театарска сцена. Има играно и во претставата „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Војо Цветановски. 

Thursday, November 14, 2013

БУГАРСКИ РЕЖИСЕР КРЕИРА НА МАКЕДОНСКО ТЛО

Основач е на алтернативниот театар „МОМО“, има работено во Франција и во Англија и во тек на кариерата ги има поставувано Чехов, но и модерните  автори Елфриде Јелинек, Питер Хандке, Даниел Хармс итн . Зборуваме за режисерот Веселин Димов од Бугарија кој заедно со нас (театар„Пи“) во моментов ја работи претставата „69“. Овој пат го заскокоткаа четири едночинки од современиот американски писател и добитник на „Оскар“, Алан Бол врз кој е направен нашиот нов проект.
Веселин живее во Софија каде што има и дипломирано театарска режија на НАТФИЗ, но изминатиов период престојува во Скопје и заедно со професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска се фокуриани на „69“. Премиерата ќе се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје, а ќе ја играме и на 19 и 21 декември. За само неколку дена ќе објавиме и информации за тоа колку ќе чини билетот и каде можете да си резервирате место.    

Веселин има режирано во голем број на државни театри во Бугарија, но негов интерес се и современите форми на изразување кои ги истражува како основач на „МОМО“. Ѕирнете дел од проектите на оваа театарска компанија

http://vimeo.com/theatrecompanymomo

Tuesday, November 12, 2013

ОСКАРОВЕЦОТ АЛАН БОЛ ЗА ПРВ ПАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Писател, режисер и продуцент и тоа успешен. Алан Бол го напиша сценариото за класикот „Американска убавина“ за кој доби „Оскар“ и „Златен глобус“, а работеше и на хит-сериите  „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“. Нашата претстава „69“ е работена според четири едночинки на Бол – „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“. Ова е прв пат да се поставува текст на овој модерен американски автор во Македонија, а колку што нас ни е познато и на Балканот. „69“ на нашиот независен театар „Пи“ премиерно ќе биде изведена на 20 декември во џепното кино во Младинскиот културен центар во Скопје, а ќе се игра и на 19 и 21 декември. Наскоро ќе ги објавиме информациите за тоа колку ќе чинат билетите и каде можете да резервирате место.

Нашиот режисер Веселин Димов вели дека кога прв пат ги прочитал текстовите на Бол според која е работена „69“ почувствувал пеперутки во стомакот како при средба со нешто значајно, вкусно и важно. Заедно со професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска го „носат“ познатиот писател во Македонија.
Нема премногу да објаснуваме за тоа кој е и што има направено Бол. Поефективно е да го ѕирнете го видеото за тоа како ја добил идејата за „Американска убавина“

Sunday, November 10, 2013

ТЕАТАР „ПИ“ ВИ ЈА ПРЕТСТАВУВА „69“


Независниот театар „Пи“ ја подготвува својата нова претстава – „69“ по текстови на Оскаровецот Алан Бол кој е автор и на сценаријата за „Американска убавина“, „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“. Режисер на нашето ново дело е бугарскиот театарџија Веселин Димов, а главните улоги ги толкуваат дипломираните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска. Премиерата ќе се случи во џепното кино во Младинскиот културен центар во Скопје, а наскоро ќе ги пуштиме информациите за датумот, за цената на билетите и како можете да си резервирате место.
Македонка Илиевска и Златко Митрески во сцена од „69“
„Пи“ е професионален и независен театар без постојана локација, но со енергија да ги поместува креативните граници. „69“ е наш прв професионален проект. Но театарот „Пи“ зад себе ја има и претставата „Малиот принц“ во која актери беа лица со интелектуална попреченост. Златко и Македонка работеа со овие ентузијасти, а премиерата се оддржа во Македонската опера и балет. Ако сакате да погледнете што успеавме заеднички да направиме, кликнете на овој линк http://www.youtube.com/watch?v=LZXqJ9EUqAc