Tuesday, November 19, 2013

БАРАЈЌИ МОЌ, ПАРИ И УСПЕХ СЕ ИЗГУБИВМЕ СЕБЕ СИ

Покрај сценариото за хит-филмот „Американска убавина“ и за сериите „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“, Алан Бол има напишано и драмски текстови кои не се наменети директно да влезат во телевизиската машина. Ние (независен театар „Пи“) земавме четири такви едночинки од овој современ американски писател и ги споивме во претставата „69“. Режисер на нашето ново дело е Веселин Димов од Бугарија, а главните улоги ги толкуваат професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска. Премиерата се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје. Ѕирнете за што се работи во четири едночинките што ќе ги погледнете во „69“.

Важен ручек (Power lunch)

Амбициозен маж и жена се „борат“ за моќ и за контрола врз нивната врска иако само што се запознаваат. Драмата зазема сатиричен поглед на половите и родовите како и на односите во општество во кое повеќе се цени имиџот отколку личниот интегритет.

ЖЕНАТА: А, каков, ако може да прашам, е Вашиот тип?
МАЖОТ: Паѓам на заводливи жени со големи цицки и мачкасти очи кои го носат нивниот сексапил како евтин парфем. А Вие?
ЖЕНАТА: Јас сакам паметни, интересни, самоуверени, чувствителни, топли, нежни, силни, независни, посветени, љубезни, стабилни мажи кои се спремни да ризикуваат.
МАЖОТ: Е, многу реалистично.
ЖЕНАТА: Барем сум селективна.

Газот на мајка ти (Your mothers butt)

Провокативно насловената „Газот на мајка ти“ ги прикажува еден психијатар наспроти нејзиниот неверојатен пациент кој е опседнат со материјалното и површното. Но еден сон за неговата мајка би можело да биде клуч кон лекот ...

ПСИХОЛОГОТ: Значи, ништо во твојот живот не ти е важно?
ПАЦИЕНТОТ: Не. (Пауза. Плаче) Имам ... Имам еден џемпер.
ПСИХОЛОГОТ: Џемпер?
КЛИЕНТОТ: Многу убав. Стар џемпер е, мислам беше на брат ми. Обичен волнен џемпер, во ве-израз. Сега веќе е изветвен и мек, но удобен ми е. Ми ги истакнува рамената, но на суптилен начин, а кога го носам се чувствувам многу секси.
Зборот на Б (The M word)

Двајца амбициозни директори одлучуваат дека се совршени еден кон друг и продолжуваат да се договараат за заедничката иднина. Каде се тука емоциите?

МАЖОТ:Едно прашање:Дали си заинтересирана да произведеме поколение?
ЖЕНАТА: Биолошкиот часовник ми отчукува како луд.
МАЖОТ: Си размислувала ли воопшто за тоа какви квалитети бараш во потенцијалниот прокреативен партнер за правење деца?
ЖЕНАТА: Комбинацијата од хетеросексуалец  со добра и стабилна работа, кој не е сериски убиец би ми одговарала. Секако, ова се првични согледби. Би морала да направам подетални анализи пред да се нафатам на таков значаен,предизвикувачки проект. 

Направено за жена (Made for a woman)

Совршен маж и нејзиното совршено момче во „Направено за жена“ се одлични примери за современиот човек кој е опседнат со сопствениот имиџ и сликата што ја оддава. Всушност такво е и општеството во кое живееме ... Оваа едночинка почнува наивно, но завршува фатално.

ТРЕНТ: Па тогаш биди силна. Стани господар на ситуацијата. Соочи се со предизвикот. Биди личност која дејствува, не некој врз кого дејствуваат. Во ред?
КАРЛИ: Во ред.
ТРЕНТ: Подобра си?
КАРЛИ: Подобра сум.
ТРЕНТ: Добро. Зашто, не заборавај, сакам да имаме секс кога ќе завршам со вежбањето. 

No comments:

Post a Comment