Saturday, November 16, 2013

АКТЕРСКИ ТАНДЕМ ПОДГОТВЕН ЗА ПРЕДИЗВИЦИ

Независниот театар „Пи“ немаше да постои доколку не беа овие двајца луѓе – професионалните актери Златко Митрески и Македонска Илиевска. Во претходниот блог-пост го претставивме режисерот на нашиот нов проект, претставата „69“, Веселин Димов од Бугарија. Сега дојде време да се запознаете со Златко и Македонка кои ги толкуваат главните улоги во ова дело чија премиера ќе се случи на 20 декември во џепното кино на Младинскиот културен центар во Скопје. Тие се актерската двојка која во  „69“ не води низ четирите едночинки напишани од Оскаровецот, Алан Бол. Златко и Македонка ќе ги видите како мажот и жената, психијатарот и клиентот, Трент и Карли ... А, во меѓувреме дознајте нешто повеќе за нив.

Златко Митрески: И во филм и во театар
„69“ е во фаза на подготовка, но Златко во моментов можете да го погледнете и во претставата „Кавкаски круг со креда“ во режија на Златко Славенски која се игра во Драмскиот театар во Скопје. Инаку има дипломирано на Националната академија за театар и филм во Софија, Бугарија. Македонската кино публика најверојатно најмногу го препознава како Ќелавиот од „Ова не е американски филм“. Еден од поинтересните проекти на Златко е и монодрамата „Последната лента на Крап“ која се играше во Скопје и помина одлично кај гледачите, а претставата беше дел и од фестивал во Словенија.
Македонкa Илиевска: Желба за иновација 
Да се игра во монодрама е најголем предизвик за еден актер, но во исто време и огромна одговорност. Македонка се нафати на таков предизвик во „Лола“  која беше на програмата на два фестивали – „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“. Се работи за монодрама во режија на Софија Ристевска која беше направена под капата на независниот „Интимен театар“, а се играше во клубот „Џубокс“ во Скопје. Инаку Македонка има дипломирано на отсекот за актерка игра во Новиот бугарски универзитет во Софија. Сега пополека, но сигурно застанува на домашната театарска сцена. Има играно и во претставата „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Војо Цветановски. 

No comments:

Post a Comment